
Електро терапија
Под електротерапија се подразбираат терапевтски процедури, со кои електричната струја се користи за лекување на заболени области, смирување на воспалителни процеси и отстранување на отоци.
Под електродите, ставени на телото на пациентот, се случуваат следниве физиолошки процеси:
- • Вазодилатација (ширење на крвните садови)
- • Аналгетски ефект – Намалување на чувствителноста на рецепторите (се намалува болка)
- • Хиперемија (црвенило на кожата заедно со топлина)
- • Се подобрува размената на течности во клетките, со нормализација на рН
- • Се забрзува ревитализацијата и зараснување на ткивото
- • Се зголемува мускулната контракција
Со модерните и потполно компјутеризирани апарати за физикална медицина (електротерапија), овозможено е прецизно користење на терапевтските форми на струи за сите заболувања кои добро реагираат на овој начин на лекување. Кај хроничните заболувања, постоперативна состојба или санирање на акутни повреди, електротерапијата се комбинира и со други физикални терапии како масажи, ласер терапии, ултразвучни, кинезитерапии и сл.

Дијадинамските струи
Се еднонасочни нискофреквентни импулсни струи со полусинусоидален облик. Тие се состојат од серија на различно модулирани импулси според фреквенција, интензитет и амплитуда. Тераписките дејства врз организмот се: аналгетско, симпатиколитично дејство, предизвикува вазодилатација, хиперемија, ја подобрува трофиката на ткивата и ја подобрува ресорпцијата на отокот и хематомот, го намалува тонусот на попречнопругастата мускулатура.
Ултра звукот
Првенствено се користи како терапевтска алатка во физикална терапија. Нејзиното дејство е механичко, а всушност се работи за микромасажа, механичко набивање и истегнување на ткивото и движење на поединечни ткивни честички. Механичката енергија во ткивата низ кои поминува се трансформира во топлина, особено на местата каде што се јавува рефлексијата на ултразвукот, што е граница помеѓу меките ткива и коската.
Интерферентните струи
Произлегуваат од две синусоидни наизменични струи кои се преклопуваат по интензитет, фаза и фреквенција. Интерференција се јавува во ткивата во длабочина, а според авторот кој ги вовел во пракса, тие се нарекуваат и Немецови струи. Тие припаѓаат на струи со средна фреквенција чија влезна фреквенција е околу 4000 Hz.
Мускулната стимулација
E метод на активирање или инхибиција на невромускулните структури за целите на терапија или дијагностика. Уредите што ги обликуваат и дистрибуираат дразбите се нарекуваат и мускулни стимулатори.
ТЕНС
E електротерапија со која се постигнува аналгетски ефект преку стимулирање на нервните влакна А. Стимулацијата на А влакната доведува до инхибицијана Ц влакната одговорни за пренесување на болката до повисоките нивоа на нервниот систем. Електричната стимулација со TENS со фреквенција од 75 – 125 Hz и времетраење на пулсот од 0,8 ms најдобро ги стимулира A нервните влакна.